Categories
Uncategorized Пирати од леденото море Рецензии Фрида Нилсон

Возбудлива приказна со многу храбра хероина и егзотичен пејзаж со мраз и снег

Оваа возбудлива скандинавска авантуристичка приказна неодамна е преведена од шведски. Еден ден кога десетгодишната Сири и нејзината сестра надвор берат бобинки, сестрата на Сири е грабната од пирати, кои ја носат да работи во рудникот за дијаманти на капетанот Белоглав. Наместо да му дозволи на нејзиниот изнемоштен татко да се обиде да ја спаси, храбрата Сири тргнува да го најде пиратскиот брод и да си ја врати сестричката.

По пат се соочува со повеќе уникатни морски ликови, вклучувајќи го и готвачот на бродот, Фредерик, кој исто така ја изгубил сестрата кај пиратите и кој ќе се спријатели со Сири. Таа запознава една мала сирена, на која Сири ѝ станува привремена мајка, и мора да победи многу противници за време на нејзиното патување до рудникот на капетанот Белоглав.

Ова е возбудлива приказна со многу храбра хероина и егзотичен пејзаж со мраз и снег. Ги содржи и прекрасните илустрации на Александер Јансон што го прикажуваат ледениот свет и неговите ликови. Фрида е најпродавана авторка во Шведска и добитничка на наградата Астрид Линдгрен, така што интересно е да се прочита на нашиот јазик. Ветуваме дека ќе ве освежи во топлите летни денови. Во оваа морска авантура најмногу ќе уживаат читателите од осум до дванаесет години.

Извор: Ангела Крокомб, Readings

Categories
Ивица Челиковиќ Објава по медиуми Пирати од леденото море Фрида Нилсон

„Пиратите од Леденото Море“ од Фрида Нилсон-фантастична бајка со многу пресврти

Во издание на „Бата прес“ на македонски јазик се објави книгата за деца и млади „Пиратите од Леденото Море“ од познатата шведската писателка Фрида Нилсон, а инвентивните и богати слики во оваа популарна скандинавска бајка се дело на илустраторот Александер Јансон. Делото од шведски го преведе писателот Ивица Челиковиќ.
Во „Пирати од Леденото Море“ постои еден студен островски свет населен со сирени, бели волци, борбени и сурови луѓе, но и со опасни пирати. Капетанот Белоглав едри наоколу со својот бел брод, Снежен гавран и ги пљачкосува жителите на малите острови. Но за него не се важни златото и среброто и другите скапоцености. Единствениот плен што тој го сака, тоа се мали деца што стануваат робови во неговиот страшен и темен дијамантски рудник. Нешто најлошо што може да му се случи на едно дете.


„Твојата сестра ја нема. Така се случува со оние што ги грабнува Белоглавиот. Тие… повеќе не постојат…“ Тој ден кога ја грабнал сестричката на Сири ‒ Белоглавиот добил противник на кого не сметал. Сири се осмелила да го направи тоа на што никој друг порано не смеел ни да помисли – да тргне храбро во потрага по озлогласениот пират.
За младите читатели, ама и за возрасните, ова е вистинско читачко доживување кое поставува прашања за суровата моќ и за храброста таа да биде предизвикана. Во книгата се одвива возбудлива авантура која се претвора во една фантастична бајка со многу пресврти, која нè учи дека и доброто и лошото што го правиме… оставаат траги. Со „Пирати од Леденото Море“ Фрида Нилсон создала епска приказна за сестринството, храброста и за значењето да се сочува човештината во студениот свет на возрасните.
За уметничкиот квалитет на делото говорат престижните награди што ги освои ‒ Expressen’s Heffaklumpen, Nils Holgersson Plaque, BMF Plaque, како и номинациите за исклучително значајните светски признанија ‒ August Prize, White Ravens и Nordic Council.
Фрида Нилсон (1979) е родена во Хардемо, Шведска. Покрај тоа што е авторка на повеќе детски книги, исто така преведува, а држи и театарски курсеви за деца и пишува сценарија за радио и телевизија.
Објавата на „Пирати од Леденото Море“ на македонски јазик е дел од проектот на Бата прес ‒ „Време е за книга“. Визионерската цел на проектот е времето на младите поминато по социјалните мрежи на електронските уреди, да го заменат со читање литература во печатено или електронско издание.
Овој проект е поддржан од Европската унија во рамките на проектот „Креативна Европа“, а објавувањето на делото е поддржано и во програмата на Министерството за култура за 2019 година, како и од Советот за култура на Шведска.