Урсула Познански

Урсула Познански (1968) е австриска писателка на крими романи, трилери, научна фантастика, а најпозната е по романите за деца и млади. Трилерот за млади „Ереб“, е нејзината најпозната книга. Преведена е на 36 јазици. За овој роман, во 2011 година, Познански ја доби престижната германска награда за литература за млади Deutscher Jugendliteraturpreis и наградата Jugendjury.

Урсула Познански е родена во Виена. По завршувањето на средното училиште, студирала јапонска филологија, новинарство, право и драмска уметност. Од 1996 година работела како новинар за теми поврзани со медицината и била уредник во медицинско списание. По раѓањето на синот професионално се посветува на книжевноста.

Авторка е на повеќе познати прозни дела и детски книги:

Ереб (Erebos) (2010), Век (Saeculum) (2011), Слоеви (Layers) (2015), Еланус (Elanus) (2016) Орел (Aquila) (2017), Таламус (Thalamus) (2018) Ереб 2 (Erebos 2) (2019).

Автор е и на филмски и телевизиски сценарија.

Со нејзиното семејство, Урсула Познански живее во Виена.